Што носиш на масата?
Ова е многу често прашање кое се поставува кога се зборува за односите помеѓу мажите и жените, но до пред некој ден верував дека е само во онлајн круговите на маносферата. Пред неколку дена решив да се вратам на дејтинг сцената после пауза од неколку месеци, и за прв пат некој ме праша што носам јас на масата? Не се ни обидов да се објаснувам или да дебатирам затоа што веднаш ми стана јасно со каква личност си имам работа. Но исто така ме поттикна да истражувам повеќе за овој феномен во дејтинг светот и што всушност се крие позади ова прилично невино прашање.
Истражувачите од Готман Инситутот, откако проучиле над 40 000 парови, откриле дека можат со 94% точност да предвидат дали еден брак ќе успее само по 15 минути набљудување. Клучниот фактор? Не финансии. Не статус. Не "што носи секој на масата". Туку колку партнерите емоционално се свртени еден кон друг. Со други зборови, науката веќе одговорила на прашањето и одговорот нема никаква врска со трансакции.
Можеби некој ќе ме праша зошто веднаш да го исклучам некој само заради едно прашање. Одговорот е едноставен. Прашањето "Што носиш на масата?" е многу мрзливо прашање, особено кога доаѓа од маж кој бара врска, брак, или нешто сериозно. Кога маж ќе го постави ова прашање, тој веќе уште пред да го дознае одговорот потфрлил да ја види вредноста на жената пред него. А, ако не може да ја види нејзината вредност, тогаш нема никаква поента жената да се обидува да се докажи колку таа е всушност вредна. Вредноста на една жена не е нешто за кое може да дебатираме. Не е нешто што се продава. Не е аудиција.
Па така, што всушност ни кажува за мажот кога ќе го постави ова прашање и зошто веднаш ги отфрлам овие мажи.
-
Не знае што бара во една жена, па така очекува жената да биде таа што ќе почне да се продава. Разговорот ќе тргне во насока жената да се објаснува зошто е вредна за него.
-
Не може да се ослони на неговата способност да одреди дали некоја жена ги исполнува критериумите кој тој си ги поставил без директно да ја праша.
-
Открива дека врската ќе биде само трансакциска. Не е погрешно да се каже дека треба да очекуваме некој бенефит од врската, но не е во ред да очекуваме веднаш бенефити без посветеност.
Не тврдам дека секој кој го поставува ова прашање е свесно манипулативен. Понекогаш луѓето го позајмуваат јазикот на онлајн заедниците без да знаат од каде доаѓа. Но зборовите кои ги користиме имаат важност и ова прашање открива многу повеќе отколку што изгледа.
Би сакала да чујам и ваше искуство. Дали некогаш ве прашале ова? Како реагиравте? И за мажите, дали сте го поставиле ова прашање, и ако да, зошто? Ова не е простор за осудување, туку за разговор.
Posted Jun 23, 2026, 10:30 AM UTC